Јустинијанови приказни vol.2

13.11.2023 Јустинијанови приказни vol.2

Успешно реализиран и вториот од серијалот настани кои симболично ги нарековме #ЈустинијановиПриказни, како нестандарден начин да се чујат случките кои ги одбележале студентските денови на истакнати членови на алумни заедницата на Правен факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

И овој пат, гостите беа и повеќе од инспиративни, а за тоа сведочи полната Читална на Факултетот. Навраќајќи се на студентските денови, споделувајќи ги предизвиците од почетокот на кариерите и анегдотите од секојдневното работење го задржаа вниманието на присутните речиси два часа.

Некои од пораките кои беа испратени на настанот:

советот од адвокатката г-ѓа Наташа Трпеноска за постојано учење и наградба; повеќе купување а помалку продавање вештини и искуства; безрезервен однос на доверба со клиентите, и понекогаш, подготвеност на компромис;

за важноста од почитување на професионалните стандарди при работата на новинарите и лекцијата на новинарот и автор на колумните Сакам да кажам, г-дин Горан Михајловски, при истражување и објавување на новинарска вест да се чуе, ако е потребно, и ставот на третата страна, и

и покрај сите предизвици, новинарката, воена известувачка од Македонија за војната во Украина и авторка на документарниот филм “Приспивни сирени”, г-ѓа Кристина Атовска им порача на студентите дека знаењето стекнато за време на студиите на Правниот факултет и љубовта кон професијата се клучни фактори за да бидат успешни, ценети и препознатливи во она што го работат.

Особено сме горди што овој пат имавме вистинска мешавина од гости, ученици од средните училишта СЕПУГС Васил Антевски Дрен, СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Скопје и СУГС„Шаип Јусуф“ кои веќе се сигурни дека во блиска иднина сакаат да студираат право, наши активни студенти, претставници од Факултетско Студентско Собрание на Правен Факултет и ELSA North Macedonia, како и членови на нашата алумни заедница. Со ова уште еднаш ја потврдивме стратешката цел на Центарот за кариера и алумни да биде мост и да овозможи системски поврзување на минати, сегашни и идни студенти во насока на креирање на квалитетни млади кадри.

Центарот за кариера и одбор за поддршка (алумни) на Правниот факултет „Јустинијан Први” е поддржан од Македонско здружение на млади правници/Macedonian Young Lawyers Association