Центарот за кариера и одбор за поддршка (алумни) е посебна внатрешна организацииона единица на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје, чии активности се:
(1) развој на кариера и советување;
(2) алумни заедница на Правниот факултет;
(3) доживотно учење, и
(4) соработка со државни институции, домашни и меѓународни владини и невладини организации, адвокатски друштва, нотари, извршители, како и нивните комори, трговските друштва и стопанските комори, како и со други домашни и меѓународни субјекти.
Главната цел на Центарот е да овозможи организирано поврзување на студентите и алумни заедницата на Факултетот, во насока на развивање и поттикнување на професионалниот развој, преку унапредување на нивните знаења, вештини и компетенции.
Преку активностите на Центарот се обезбедува:
– согледување на потребите на пазарот на труд и креирање соодветни програми за едукација и тренинг;
– креирање база на податоци за деловните субјекти и воспоставување перманентна двонасочна комуникација помеѓу студентите и алумни заедницата;
– организирање саеми за кариера, промоциски предавања, семинари, работилници и слично.
Сите активности преземени од страна на Центарот се насочени кон кариерниот развој на студентите и се во согласност со мисијата и визијата на Правниот факултет и приоритетите за развој.
Услугите на Центарот се достапни за сите студенти на Правниот Факултет од прв, втор и трет циклус на студии, како и за лицата кои дипломирале, магистрирале и докторирале на Правниот факултет и се дел од алумни заедницата на Факултетот. За искористување на придобивките и можностите кои ги нуди Центарот за кариера и алумни, РЕГИСТРИРАЈ СЕ во нашите База на студенти и База на алумни!
Покрај студентите на Правниот факултет, пристап до услугите на Центарот можат да имаат и учениците од средните училишта кои се заинтересирани за упис на Правниот факултет.
Дел од активностите на Центарот за кариера и алумни во 2023 година беа реализирани со помош и поддршка од Македонското здружение на млади правници, врз основа на Договорот за соработка склучен помеѓу Правен факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје и Македонското здружение на млади правници, во рамки на Проектот ,,Студентите по право и младите правници – Клучни агенти на промени за унапредување на човековите права и владеењето на правото во Република Северна Македонија”, поддржан од Амбасада на Холандија во Северна Македонија.