Јустинијанови приказни vol.1
25.05.2023
Во пријатна и релаксирана атмосфера се одржа првиот од серијата настани кои симболично ги нарековме #ЈустинијановиПриказни
Идејата зад овие настани е зближување, вмрежување и развивање на соработка помеѓу нашите сегашни студенти и веќе дипломирани, магистрирани и докторирани студенти, при што членовите на нашата алумни заедница, практичари истакнати во својата професија преку мотивациски говори ќе им се обратат на студентите на Факултетот.
Амбиентот во Читалната на Правен факултет „Јустинијан Први“ – Скопје совршено се вклопи со инспиративните раскажувања на нашите тројца соговорници – алумни на Факултетот за нивните спомени од студентските денови, за тоа како Правниот факултет им влијаел врз изборот на нивната професија, и за нивниот кариерен пат по завршувањето на студиите.
Како клучни моменти од настанот ги издвојуваме:
трите совети на адвокатката г-ѓа Сузана Јошевска Анастасовска за тоа како да се храни и негува љубовта кон правото;
за важноста од присуство на сите предавања, па дури и на оние кои се чинат помалку интересни, и лекциите кои новинарот г- дин Васко Попетревски ги научил на нив, а не можат да се прочитаат во ниту еден учебник, и
покрај сите предизвици, јавната обвинителка г-ѓа Ленче Ристоска им порача на студентите дека знаењето стекнато за време на студиите на Правниот факултет, интегритетот и етичноста се клучни фактори за да бидат успешни и ценети во својата професија.
Центарот за кариера и алумни ќе продолжи со активности насочени кон помош и поддршка на нашите сегашни студенти во нивниот професионален развој, кон унапредување и збогатување на нивните практични вештини, како и за нивно поврзување со алумни заедницата на најстариот и најреномиран Правен факултет во државата.
Центарот за кариера и одбор за поддршка (алумни) на Правниот факултет „Јустинијан Први” е поддржан од Македонско здружение на млади правници/Macedonian Young Lawyers Association